Тодоров: Бев дел од нешто ново што се создава, Македонија ќе расте!

Машката сениорска репрезентација на Македонија не успеа да обезбеди пласман на завршниот турнир од Европското првенство. На последниот турнир во Перм, баравме победа изразена со над десет поени разлика против Естонија. А под Урал, испадна малку поинаква ситуација. Кога моравме, прво ја победивме Италија, а потоа во мечот на одлука ја победивме и Естонија. Но не со десет, туку со два поени разлика. Тие осум поени ни пресудија, на крајот на трката останавме зад Италија, Русија и Естонија.
Доволно за селекторот Александар Тодоров да направи една првична анализа за овој квалификациски циклус, кој го завршуваме со ефект од две победи и четири порази.
Период во кој, како што вели Тодоров, се „измешаа“ разочарувањата и задоволството.
„Ако се осврнеме наназад на овие шест натпревари од овие квалификации, можам да кажам дека има два спротивставени моменти: едниот разочарувањето поради необезбедувањето пласман на ЕП, и вториот огромното задоволство дека бев дел од нешто ново што се создава и што ќе трае во наредните 10-15 години.
Имаме два порази во израмнети, до последните минути, средби со Русија и Италија. Имаме еден крајно лош натпревар со Русија, ама имаме и две победи, и едно катастрофално лошо полувреме во Скопје во првиот натпревар во овој циклус нè остави да го гледаме следното ЕП дома“.
„Сите 15 играчи кои беа тука, го дадоа својот максимум. Знаете дека ниту еден од нив не беше принуден да игра за репрезентација под закана од казни и санкции.
Знаете дека четворица од нив одлежаа 14 дена карантин во Естонија само заради желбата да играат за националниот дрес. И тоа се тие нешта што ме прават да сум горд што бев нивен тренер. – го „заклучува“ циклусот, Тодоров.