Тодоров го одбра тимот кој ќе ја нападне Италија
По утринскиот тренинг, во поголема мерка шутерски, селекторот на нашиот сениорски национален состав, Александар Тодоров ги пополни оние 12. места кои ќе влезат во официјалниот записник за средбата со Италија. Тодоров имаше неколку дилеми, кои ги тргна непосредно по одработените 45. минути. Се одлучи на средбата со Италија која стартува од 15.30 часот (по македонско време), да им укаже доверба на следниве играчи:
Дамјан Робев, Андреј Митревски, Бојан Крстевски, Дамјан Стојановски, Кристијан Николов, Андреј Магдевски, Бојан Трајковски, Теодор Симиќ, Џејкоб Вајли, Војдан Стојановски, Ненад Димитријевиќ и Стојан Ѓуроски.
„По точно една недела од првиот собир, од денеска ја почнуваме серијата од четири натпревари во период од пет дена. За нас ова е прв натпревар по пауза од точно една година. Се надевам дека ќе покажеме дека можеме да се ‘носиме’ со најсилните европски репрезентации како што беше случај минатиот февруари против Русија. Но во исто време и да потврдиме дека мечот со Естонија на домашен терен беше само лош ден“ – вели Тодоров пред почетокот на „балонот“ во Перм.