Тодоров оптимист пред „балонот“ во Перм

Селекторот на нашата машка сениорска репрезентација, Александар Тодоров пред стартот на февруарскиот ФИБА “прозорец“ и завршниот турнир од квалификациите за Евробаскетот 2022 ги сподели своите очекувања за она што нашиот национален тим го чека во Перм. Четири квалификациски натпревари во пет дена во кои ќе падне одлуката кои три селекции од групата Б ќе бидат учесници на Евробаскетот.
На распоред е третиот и последен дел од квалификациите, и најтешкиот, ако се земе в предвид дека нè чекаат четири натпревари на турнирот во Перм?
„Дефинитивно најтежок, бидејќи четири натпревари во пет дена се навистина огромен напор за било кој спортист, не само за еден кошаркар. Но тоа е што е, ФИБА така проценила, наше е да се подготвиме и да направиме не само тактика, туку и стратегија како да настапиме на овие четири средби во Перм“.
Како за така кратко време да се подготви тимот за напорите кои ги носи турнирскиот систем на натпревари?
„Специјална физичка подготовка на тимот во период од седум дена колку што имаме до првиот натпревар, од кои само последните два тренинзи ќе сме комплетни, е невозможна. Она на кое можеме ние, како стручен штаб да влијаеме, е процесот на ‘рекуперација’, каде имам огромна доверба во знаењата на нашиот медицински штаб и на кондициониот тренер Ерен Ханѓун. Како и она што го истакнав, да подготвиме соодветна стратегија како да настапиме на овие средби“.
Првиот натпревар во Перм, Македонија го игра в недела од 15:00 часот против Италија.