Томасон под притисок, бунт во шведската репрезентација

Репрезентацијата на Шведска, и покрај составот полн со ѕвезди, доживеа уште еден понижувачки пораз во во квалификациите за пласман на Светското првенство. Синоќа загубија од Косово во Гетеборг (0-1), а по поразот наводно кулминирале фрустрациите во соблекувалната.
Скандинавците се заглавени на дното од нивната квалификациска група за Светското првенство со само еден бод по четири одиграни натпревари, пишува „Дејли Меил“.
Иако можат да се пофалат со напаѓачко дуо вредно речиси 200 милиони евра, составено од Александар Исак и Виктор Ѓекереш, Швеѓаните постигнаа само два гола во целата кампања, а примија загрижувачки седум.
Нивната напаѓачка линија, составена исклучиво од играчи од Премиер лигата, повторно беше неефикасна во понеделникот вечерта, кога беа поразени дома од аутсајдерот Косово.
Голот на Фисник Аслани во првото полувреме беше доволен за победа на гостите, кои на тој начин ја комплетираа двојната победа над Шведска (првиот натпревар заврши 2-0) и сега се на второто место во групата.
Очекувано, тензиите ескалираа во шведскиот табор по катастрофалниот пораз.. Според шведските медиуми, крилниот напаѓач Ентони Еланга не можел да ги скрие своите фрустрации додека го напуштал теренот.
Селекторот Јон Дал Томасон е под зголемен притисок, пишува локалниот „СпортБладет“, и се верува дека голем број ѕвезди ја изгубиле довербата во 49-годишникот.