Томас Милер го одигра последниот натпревар за Баерн

Легендата на Баерн и германскиот фудбал, Томас Милер, го одигра својот последен натпревар во дресот на Баварците. Фудбалерите на Пари Сен Жермен го победија тимот на Баерн со 2-0 и се пласираа во полуфиналето на Светското клупско првенство во САД.

Томас Милер играше за германскиот тим во финишот од натпреварот. 35-годишниот фудбалер влезе на теренот во 80-та минута наместо Кингсли Коман и тоа беше неговиот последен натпревар во дресот на Баерн.

Германскиот ветеран не доби нов договор и во април го објави своето заминување од Минхен на крајот од сезоната.

Томас Милер е дете на Баерн, целата своја кариера ја помина со Баварците. Дебитираше за првиот тим во 2007 година и одигра вкупно 756 натпревари, постигна 250 голови и запиша 276 асистенции.

Тој е еден од најтрофејните фудбалери во историјата. Во дресот на Баерн, освои точно 33 трофеи.

„Danke für alles, Томас!“, објави Баерн на социјалните мрежи со емотикон од срце.