Томе Главчев: Ова е важен чекор во градењето на новата енергија и визија на нашата машка сениорска репрезентација

Претседателот на Кошаркарската федерација на Македонија, Томе Главчев, го имаше воведниот збор на прес-конференцијата по повод промоцијата на Жозеп Мариа Берокал за нов селектор на машката сениорска репрезентација на Македонија.

„Дозволете ми, како претседател на Кошаркарската федерација на Македонија, да ви посакам добредојде на денешната прес-конференција, која за нас претставува важен чекор во градењето на новата енергија и визија на нашата машка сениорска репрезентација.

Денес имаме чест официјално да ви го претставиме новиот селектор на македонската сениорска репрезентација, господинот Жозе Марија Берокал, тренер со богато меѓународно искуство, јасна кошаркарска филозофија и препознатлив систем на работа. Убедени сме дека со неговото знаење, професионализам и посветеност ќе донесе нов квалитет и стабилност во националниот тим.

Заедно со него, во стручниот штаб ќе работи и нашиот истакнат тренер Ѓорѓи Кочов, кој како негов асистент ќе биде важна врска помеѓу интернационалното искуство и домашната кошаркарска школа. Веруваме дека оваа комбинација претставува одличен баланс и гаранција за сериозен пристап кон предизвиците што нѐ очекуваат.

Во процесот на координација и стратешко поврзување на сите национални селекции, значајна улога ќе има и директорот – координатор на репрезентациите, легендата на македонската кошарка, Владо Илиевски, чиј авторитет, искуство и посветеност се дополнителна сила во создавањето на стабилен и долгорочен систем.

Како федерација, остануваме цврсто определени кон професионализација, развој на домашните играчи и враќање на препознатливиот репрезентативен дух. Пред нас се сериозни предизвици, но и можности – и веруваме дека со заедничка работа, поддршка од јавноста и медиумите, можеме повторно да ја позиционираме македонската кошарка на нивото кое го заслужува“ – порача првиот човек на македонската кошарка на собирот со новинарите во хотелот „Алксандар Палас“ во Скопје.