Трајковиќ доби отказ, Дејан Илиевски ќе го води Пелистер во плеј-офот

Кошаркарскиот клуб на Пелистер доживеа убедлив пораз од Работнички од 79-50 во вториот натпревар од првата плејоф рунда во домашниот кошаркарски шампионат, пораз по кој управата на клубот одлучи да му врачи отказ на тренерот Ненад Трајковиќ.

Српскиот стратег го презема тимот од Битола на крајот на месец јануари, меѓутоа не ги оправда очекувањата во ниту едно натпреварување, а двата порази од Работнички во разигрувањето за титулата во Првата лига му пресудија на искусниот тренер.

„Зелено-белите“ се на еден чекор од завршувањето на оваа сезона, односно секој нареден пораз од Работнички ќе значи крај, а такво сценарио треба да спречи Дејан Илиевски.

Илиевски во последниве години е дел од тренерскиот тим на битолчани и сега ќе добие шанса како шеф на стручниот штаб до крајот на сезоната.