Тренерот на Јувентус проговори за ситуацијата со Роналдо

Јувентус со кикс ја започна сезоната во која има намера да ја врати шампионската титула во Италија, откако Интер му ја прекина деветгодишната доминација. Водеше со 2:0, но Удинезе искористи две грешки на голманот Шчешни и израмни, а ВАР поради офсајд го поништи победничкиот погодок на Кристијано Роналдо, кој влезе во игра половина час пред крајот.
„Одигравме добар натпревар, но за жал, тоа е фудбалот. Требаше да бидеме подобри во второто полувреме, но не знаевме како да се носиме со неочекуваните случувања. Ова мора да ни биде лекција.“ – изјави Масимилијано Алегри, повратникот на клупата на Јувентус.
Сепак, приказна на денот беше Кристијано Роналдо кој натпреварот го започна на клупата. Италијанските медиуми веднаш заклучија дека Португалецот побарал трансфер, а Павел Недвед мораше тоа веднаш да го демантира.
„Роналдо се чувствува добро. Разговаравме пред натпреварот и му реков дека ќе започне на клупата. Тоа го прифати и играше добро откако влезе во игра, дури и постигна погодок, но му го поништија.“ – ја објасни Алегри ситуацијата со Роналдо.