Трета победа за Алкалоид на Европскиот куп во Грција

Шахистите на Алкалоид ја забележаа третата победа во третото коло на Европскиот клупски куп што се игра во Родос, Грција.
Македонскиот шампион вчера го совлада германскиот претставник Шахфројнде Берли со 4-2.
Цели поени за Алкалоид освоија Еригаиси, Ји Веи и Читамбарам Аравинд, по половина поен освоија Александар Инѓиќ и Ивиќ, додека Јангји Ју загуби.Противничката екипа беше со слична конструкција како претходната со која игравме: пет млади, но силни шахисти кои се етаблираат во европскиот крем, плус тренерот на шестата табла, но, сепак, на многу повисоко ниво. Типично за модерниот шах, овој интернационален состав на играчи од Германија, Австрија и од Полска не сака да чека да се развива борбата, туку со специјално подготвени варијанти се обиде да направи изненадување. Неспорно, тоа му донесе почетна иницијатива, изјави Влатко Богдановски, капитен на интернационалниот состав на ШК Алкалоид.
По три кола, девет екипи помеѓу нив и Алкалоид имаат максимални шест бода.
Во четвртото коло ШК Алкалоид ќе игра со претставникот на Азербејџан, клубот кој го носи името на нивниот легендарен шахист Вугар Гашимов.