Тринкиери по лошата сезона се збогува со Баерн

Италијанскиот стручњак Андреа Тринкиери официјално го напушти Баерн по елиминацијата во полуфиналето од домашниот плејоф од Улм што беше и кулминација на лошата сезона на баварскиот клуб.

И претходно се најавуваше дека тој си оди на крајот од натпреварувачката кампања, а тој тоа го потврди непосредно по третиот пораз од Улм со што Баерн испадна од конкуренција за титулата во Бундеслигата. Сезонава, овој клуб имаше катастрофален пласман во Евролигата (15. место од 18 екипи), а впечатокот делумно го спаси трофејот во Купот на Германија.

Тринкиери го презеде Баерн во 2020 година и успеа да освои два Купа, но не и пехар од Бундеслигата. Се шпекулира дека неговата позиција ќе ја преземе Пабло Ласо, а иако се поврзуваше со неколку европски гиганти, се уште не е познато каде Италијанецот ќе ја продолжи кариерата.