Трипие: Со Симеоне станав подобар играч

Киран Трипие пред шест месеци се радуваше на титулата во Примера, но сега одлучи да прифати еден сосема поинаков предизвик, односно да се бори за опстанок во Премиер лигата до крајот на сезоната.

Десниот бек на Атлетико Мадрид и официјално се претвори во прво големо засилување во новата ера на Њукасл, клуб кој неодамна беше купен од страна на конзорциум од Саудиска Арабија кој е во сопственост на милијардери.

Трипие се поврзуваше со враќање во Премиер лигата и во летниот преоден рок, но желбата му се оствари шест месеци подоцна и вели дека со нетрпение чека повторно да се докажува пред домашната јавност.

„Ми беше многу тешко кога си заминав од Англија и кога дојдов во Атлетико. На крајот, минав речиси три години во Мадрид и тоа беше неверојатно искуство. Пресреќен сум што остварив многу работи во Атлетико, со Симеоне станав подобар играч. Ја освоив Примера, имам безброј убави спомени од Шпанија и оставам големи пријатели кои ќе ми останат пријатели и во иднина.

Уште на почетокот на оваа сезона во месец август се зборуваше за мое заминување и на крајот тоа не се случи. Ја наведнав главата, продолжив да работам напорно и побарав од клубот да ги разгледа опциите во јануари. Њукасл се појави и поради лични причини се враќам во Англија. За мене и моите деца беше многу важно да се вратам во Англија, а Њукасл се покажа како клуб кој верува во мене. Многу сум среќен, го познавам менаџерот на тимот и привилегија е да се биде дел од оваа нова ера на клубот“, вели Трипие.