Триумф на Шкендија во дербито со Вардар за уште понеизвесна трка за титулата во ПМФЛ

Екипата на Шкендија со иста мера му врати на Вардар за поразот од есенскиот дел. Попладнево во дербито одиграно на тренинг центарот „Петар Милошевски“, тетовскиот тим триумфираше со 0:1, и му го нанесе првиот пораз сезонава на скопскиот тим. И, она што е најважно, уште повеќе му се доближи на табелата, односно разликата сега се „стопи“ на само еден бод. Шкендија, пак, продолжи со победничката серија во пролетниот дел од првенството, триумфирајќи на сите одиграни натпревари досега.
Стартот на мечот мина во почетно испитување на силите, со многу внимателност и повеќе како да не се прими, отколку да се постигне гол. Така играта главно се одвиваше на средината на теренот, со многу борба од двете страни и цврстите одбрани не дозволија да се развива некоја посериозна акција.
Првата посериозна шанса ја имаше Трумчи, откако во 32. минута шутираше од непосредна близина, но Талески успеа да одбрани.
Вториот дел почна со шанса за Вардар. По една нафрлена топка од Закариќ, во мешаницата на петерецот Матиќ се најде во добра позиција, но немаше реализација затоа што Гаје реагираше.
Во 66. минута Шкендија поведе. Одличен противнапад на гостите од Тетово од левата страна Ибраими додаде до Љатифи, кој од прва го совлада Талески и донесе водство за актуелниот првак.
Се играше 78. минута кога Љатифи можеше во голема мера да го реши прашањето околу победникот, излезе сам пред Талески, но голманот на Вардар одлично одбрани.
Четири минути подоцна уште една шанса за Вардар. Данев упати опасен удар, голманот на Шкендија Гаје успеа со крајни напори да одбрани.
Ибраими во судиското надополнување имаше прилика, наместо да проигра се реши на удар, и Талески одбрани.
Вардарци се обидоа во финишот од неколку прекини да дојдат барем до израмнување, но на крајот Шкендија успеа да ја сочува мрежата и да дојде до победата.