Труење со храна на тенискиот Мастерс во Мадрид

Повеќе тенисери на престижниот турнир, кој во моментов се игра во Мадрид, се пожалија на стомачни болки, а дел од нив повраќаа дури и за време на натпреварите, најверојатно како последица на расипана храна што им се служела во ресторанот за играчите, јави медиумот „Тенис ченел“.

Голем број учесници се повлекоа од натпреварите поради болки во стомакот и исцрпеност, така што натпреварите се презакажуваат.

Според медиумите, кои разговарале со играчите, изворот на инфекцијата најверојатно се такосите со ракчиња што се служат во ресторанот на играчите.

Најтешките сцени се случија за време на натпреварот помеѓу Коко Гоф и Сорана Кирстеа.

Во еден момент, американската ѕвезда почна да повраќа среде теренот, но некако најде сила да „преживее“ и да го добие натпреварот, иако беше видливо исцрпена.