Тудор ќе го води Јуве и следната сезона

Игор Тудор ќе остане тренер на Јувентус и следната сезона. Тудор среде сезоната го замени Тијаго Мота и успеа да го освои четвртото место.
„Одлучивме да ја продолжиме соработката со Игор за Светското клупско првенство, но и за следната сезона, а се надевам и подолго од тоа“, изјави новиот генерален директор на Јувентус, Дамиен Комоли, на својата прва прес-конференција.
Ова е крај на долга сага во која се шпекулираше со иднината на хрвастскиот тренер.
Во март тој потпиша договор до крајот на сезоната, со клаузула дека автоматски ќе биде продолжен за една година доколку избори пласман во Лигата на шампионите.
Во девет натпревари со Јувентус, Тудор постигна пет победи, три нерешени резултати и еден пораз, а неговиот следен тест е Светското клупско првенство овој јуни и јули. Јувентус е во група со Манчестер Сити, Ал Аин и Видад Казабланка.
За потсетување, Тудор помина девет години како играч во Јувентус, додека во сезоната 2020/21 му беше помошник на Андреа Пирло. Потоа, тој ги водеше Верона, Марсеј и Лацио. Претходно во својата кариера, тој двапати ги тренираше Хајдук и Удинезе, а исто така ги водеше и ПАОК, Карабукспор и Галатасарај.