Турските репрезентативци им се извинија на навивачите по елиминацијата од Мундијалот

По 24 години пауза, Турција конечно се врати на Светско првенство, но нејзиниот настап заврши многу побрзо отколку што се надеваа навивачите.
Поразот од Парагвај со 1:0 во второто коло значеше и официјална елиминација на турската репрезентација уште во групната фаза. Особено болен беше фактот што Турците цело второ полувреме играа со играч повеќе, но не успеаја да стигнат ниту до бод.
По воведниот пораз од Австралија со 2:0, Турција стана втората селекција по Хаити која предвреме ги загуби шансите за пласман во следната фаза.
По натпреварот владееше големо разочарување во турскиот табор. Некои од фудбалерите не можеа да ги задржат солзите уште на теренот, а други јавно им се извинија на навивачите.
„Се срамиме. Му се извинуваме на нашиот народ. Играме во големи клубови и тоа требаше да го покажеме на теренот. Не успеавме. Не го покажавме нашето вистинско лице и не го достигнавме нивото што го очекувавме од себе“, изјави ѕвездата на Реал Мадрид, Арда Ѓулер.
Извинување до навивачите упати и голманот Угурџан Чакир.
„Му се извинувам на нашата земја. Сакавме да ги направиме горди, но не успеавме. Очекувањата беа огромни, а ние останавме далеку под нив“, рече турскиот чувар на мрежата.
Под силен притисок се најде и селекторот Винченцо Монтела. Италијанскиот стратег призна дека е длабоко разочаран од неуспехот.
„Многу сум тажен. За нашиот народ кој имаше големи очекувања. И нашите сопствени очекувања беа многу високи. Жал ми е и за нашата федерација. Добро знам колку напорно работеа овие момци за да бидат подготвени за Светското првенство“, изјави Монтела.