Турчинот Атаман го презема Панатинаикос

Ергин Атаман во следните две сезони ќе го води најуспешниот клуб во Грција, Панатинаикос, соопштија вечерва медиумите кај нашиот јужен сосед.

Неколку часа порано беше соопштено дека менаџерот на Атаман ќе има средба со раководството на ПАО на која ќе се разговара за тренерското место, а очигледно состанокот вродил со плод. Атаман ќе има задача да го извади Панатинаикос од тешката криза во која се наоѓа последните три сезони и да го врати на врвот не само на грчката, туку и на европската кошарка.

За почеток, постигнат е договор на две сезони, но постои надеж дека соработката ќе трае многу подолго. Наводно, Турчинот барал тригодишен договор, но на крајот двете страни се согласиле тоа да биде на две.

Интересно е тоа што Атаман ќе биде прв Турчин тренер во историјата на Панатинаикос, а само втор државјанин на оваа земја во екипата од Атина, по Ибрахим Кутлај кој го носеше зелениот дрес од 2001 до 2003 година, плус уште еден краток престој во 2005. Прв пик за нов тренер на ПАО беше Пабло Ласо за кого минатиот месец имаше информација дека е постигнат договор, но очигледно такво нешто не се случило. Во моментов, шеф на стручниот штаб на Панатинаикос е Христос Серелис, но тој е само привремено решение до крајот на сезоната.