ТФТ патува во Краснојарск, Куманово во Гронинген
Објавени се домаќините на четирите квалификациски турнири што ќе ја кренат завесата во сезоната 2021/22 од натпреварите во ФИБА Евро Купот.
ФИБА одлучи во улога на организатори да бидат: Гронинген, Софија, Краснојарск и Парну.
Холандскиот клуб Донар Гронинген ќе биде домаќин на турнирот „А“ во својата домашна арена. А победникот од четвртфиналето помеѓу нашиот Куманово 2009 и Свонс Гмунден од Австрија ќе ги пречекаат домаќините во едно полуфинале.
Бенфика од Португалија и романскиот Волунтари ќе се соочат во другото полуфинале. Победникот на турнирот „А“ ќе биде сместен во групата „Ц“ од редовната сезона.
Бугарската кошаркарска федерација ќе биде домаќин на турнирот „Б“ во Софија. Полскиот Трефл Сопот во првото полуфинале ќе го пречека Дњипро од Украина, додека грчкиот Ираклис ќе се соочи со бугарскиот Академик Пловдив во второто. Тимот што ќе победи на турнирот „Б“ ќе обезбеди место во групата „Е“ за редовниот дел од сезоната.
Турнирот „Ц“ ќе се игра во Русија, а во улога на домаќин ќе биде Енисеј во Краснојарск. Домаќините ќе се борат против израелската Хапоел Хаифа во првото полуфинале. Германскиот Меди Бајројт во второто полуфинале го чека победникот од четвртфиналната пресметка меѓу унгарските Натуртекс-СЗТЕ-Сегед и ТФТ од Скопје. Победникот од турнирот „Ц“ ќе го заземе преостанатото место во групата А за редовна сезона.
Естонскиот клуб Парну Садам ќе биде домаќин на турнирот „Д“. Домаќините ќе се соочат со австриската ГГМТ Виена, а победникот ќе го добие за противник актуелниот шампион на ФИБА Купот на Европа, Ирони Нес Зиона во едно полуфинале. Кипарскиот тим Керавнос ќе се судри со Порто во другото полуфинале.
Победникот на овој турнир ќе се пласира во групата „Р“ од редовниот дел од сезоната.
Инаку, сите турнири ќе се играат помеѓу 28. септември и 1. октомври, со исклучок на Турнирот „Б“ во Софија, кој ќе започне на 29. септември бидејќи нема четвртфинале.