Уапсен контроверзниот Конор МекГрегор
Конор МекГрегор, ирскиот ММА борец, е уапсен, а неговиот автомобил запленет поради опасно возење.
Според порталот „Ајриш Индепендент“, Мекгрегор бил запрен додека го возел својот „Бентли Континентал“ бидејќи направил неколку прекршоци при возењето. Откако бил приведен, против него е поведена постапка за опасно возење.
„Господинот Мекгрегор возел до теретана кога полицијата го запрела поради прекршување на сообраќајните правила. Ги поминал тестовите за дрога и алкохол, по што бил префрлен во станицата“, изјавила портпаролката на Конор, Карен Кеслер.
Ова не е првпат Мекгрегор да западне во неволја поради возење, бидејќи во 2018 година ја загуби дозволата бидејќи возел 154 километри на час во зона каде што се дозволени 100.
Ирскиот борец се опоравува во својата татковина по скршеницата на ногата која ја доживеа за време на борбата со Дастин Пориер, а неговото враќање во рингот се очекува до крајот на 2022 година.