Уапсен олимпискиот шампион во борење

Олимпискиот шампион во борење, Кајл Снајдер, е уапсен во Колумбус, Охајо, како дел од полициска акција насочена кон сузбивање на проституцијата, соопштија локалните власти.
Снајдер е меѓу 16-те лица приведени откако се одзвале на лажен оглас за ескорт услуги, поставен од полицијата во овој американски град.
Според извештајот, инцидентот се случил на 3 мај, кога Снајдер пристигнал на договорената локација и ја платил услугата во готово. По приведувањето, бил пуштен од местото на настанот, а на суд треба да се појави на 19 мај.
Снајдер е освојувач на златен олимписки медал од Рио 2016 и сребрен од Токио 2021. Покрај олимписките одличја, има седум медали од Светски првенства и три шампионски титули од “NCAA” Првата дивизија, настапувајќи за Универзитетот на Охајо.
Во 2016 година стана првиот Американец кој истовремено ги поседувал титулите олимписки, светски и “NCAA” шампион.
Во 2018 година, тогашниот претседател на САД, Доналд Трамп, го именуваше за член на Претседателскиот совет за спорт, физичка подготвеност и здрава исхрана.