УЕФА го смени системот на натпреварување на Лигата на нации
На состанокот на Извршниот комитет на УЕФА во Нион се донесени одлуки и за големи промени во Лигата на нации кои ќе стапат на сила во септември 2024 година.
Лигата на нации ќе биде проширена со нокаут рунда која ќе се игра во март, со што ќе се создаде континуитет меѓу групната фаза која завршува во ноември и завршниот турнир кој се игра во јуни.
Според досегашниот формат на Лигата на нации, победниците на групите од А дивизијата се пласираа на фајнл-форот. Сепак, од следното издание на Лигата на нации 2024/25 ќе се воведе четвртфинале во кое победниците и второпласираните од групите од А дивизијата ќе играат меѓу себе дома и на гости во март, а победниците од тие натпревари ќе се пласираат на фајнл-форот.
Промена има и во пониските дивизии. Како дел од промената на форматот, ќе се воведат и пласмани за промоција и испаѓање, третопласираните екипи од дивизијата А ќе играат против второпласираните од дивизијата Б, а третопласираните екипи од дивизијата Б против второто пласирани екипи од дивизија Ц. Натпреварите ќе се играат дома и на гости, при што победниците одат во повисоката, а поразените во пониската дивизија.