УЕФА сериозно им се закани на Англичаните да не ја мешаат политиката во спортот
УЕФА ја предупреди владата на Обединетото Кралство дека Англија ризикува да го пропушти кодомаќинството на Евро 2028 доколку премиерот Кир Стармер продолжи со плановите за формирање регулатор во машкиот фудбал, објавија британските медиуми.
Во писмото до министерката за култура Лиза Нанди, добиено од Тајмс и Би-Би-Си, генералниот секретар на УЕФА, Теодор Теодоридис, рече дека не треба да има „владино мешање во водењето на фудбалот“.
Според писмото, Теодоридис предупредил на плановите наведени во говорот на кралот да му се даде на новиот регулатор овластување да ги надгледува клубовите во најдобрите пет лиги во Англија, велејќи дека независноста на играта е „фундаментален услов“.
„Една посебна област на загриженост произлегува од едно од основните барања на УЕФА, а тоа е дека не треба да има мешање на владата во водењето на фудбалот“, рече генералниот секретар на УЕФА.