УЕФА ја исфрли Русија од квалификациите за ЕП 2024
Европската фудбалска федерација – УЕФА, соопшти дека репрезентацијата на Русија нема да учествува во жрепката за Европското првенство во 2024 година која ќе биде одржана на 9.октомври во Франкфурт.
„Сите руски тимови во моментот се суспендирани со одлука на Извршниот одбор на УЕФА донесена на 28.февруари 2022 година. Поради ова репрезентацијата на Русија не е вклучена во жрепката за квалификациите за ЕП 2024 година“, соопштуваат од УЕФА.
Во жрепката ќе учествуваат 53 репрезентации кои ќе бидат распределени во седум групи од по пет репрезентации, како и во три групи по шест.
Европското првенство ќе се одржува од 14.јуни до 14.јули 2024 година. во Германија.