УЕФА: Ќе помогнеме во евакуација на играчите од Украина

Од УЕФА информираат дека ќе направат се за да обезбедат евакуација на фудбалерите и нивните семејства кои сакаат да ја напуштат Украина. Оваа одлука беше донесена на вонредната седница на која финалето од Лигата на шампионите беше преместено од Санкт Петерсбург во Париз.

УЕФА му се заблагодари на францускиот претседател Емануел Макрон за неговата лична поддршка и неговата посветеност најважниот натпревар во европскиот клупски фудбал да се пресели во Франција во време на оваа криза без преседан.

 „УЕФА заедно со француската влада ќе ги поддржи напорите за евакуација на играчите и нивните семејства од територијата на Украина, кои се соочуваат со страшни страдања и уништувања“, соопштуваат од Европската куќа на фудбалот.