Укпа е првото засилување за Арсими во новата година

Македонскиот прволигаш Арсими официјално го промовираше првото засилување за продолжението на сезоната, ангажирајќи фудбалер добро познат на домашната сцена.

Нов член на дебитантот во ПМФЛ е Хоган Укпа. 24 годишниот играч за врска доаѓа како слободен фудбалер, а последен клуб во неговата кариера беше Струга Трим Лум, со која освои две шампионски титули. Нигериецот претходно настапуваше и за неколку клубови во татковината, како и за Лиепаја од Летонија.

Укпа беше без ангажман од јуни минатата година, по разделбата со стружани, а во Арсими од него очекуваат да донесе дополнителен квалитет и свежина во средниот ред.

По завршувањето на есенскиот дел од шампионатот, Арсими се наоѓа на петтото место на табелата со 22 бода, остварени преку шест победи и четири нерешени натпревари.