Украинците го жигосаа Тимошчук како предавник

Анатолиј Тимошчук, поранешен украински фудбалер, а денес помошник тренер во рускиот фудбалски клуб Зенит, е избришан од регистарот на играчи на украинската репрезентација. Тоа е одлука на Украинскиот фудбалски сојуз, а следуваше по одлуката на Тимошчук да остане во Зенит.

Фудбалската федерација на Украина на својата официјална веб-страница објави дека ќе го санкционира Тимошчук за „соработка со окупаторите“. Освен што федерацијата нема да признае никаков настап или трофеј, му ја одзеде и тренерската лиценца. Официјално, Тимошчук до денес беше фудбалер со најмногу настапи за украинската репрезентација.

Многу Украинци остро го критикуваа дека останал во Русија. Нему му се јавил неговиот поранешен соиграч Евгениј Левченко, кој му рекол: „Тимо, зошто го направи тоа? Ти си од Украина. Како можеш да молчиш и да продолжиш да работиш таму? Игравме заедно за ист тим, го носевме тој дрес со гордост, пееше химна, славевме и тагувавме. Како ќе живееш со тоа?“