Уругвај во пријателски натпревар ја изненади Аргентина

Репрезентацијата на Уругвај славеше голема победа од 1-2 (0-0) на гостувањето кај лутиот ривал Аргентина во пријателскиот натпревар одигран на легендарниот стадион „Ла Бомбонера“ во Буенос Аирес.
Првите 45 минути поминаа во знакот на теренската иницијатива на домаќините, кои преку Хулијан Алварез и Тиаго Алмада имаа рани шанси, но мрежите мируваа до паузата.
По една конфузија во шеснаесетникот на Аргентина и неспретна интервенција при обид за расчистување, дефанзивецот Леонардо Балерди си постигна автогол и им донесе водство на гостите во 48.минута.
Само пет минути подоцна, Уругвај го удвои водството. По нафрлувањето на Џорџијан де Араскаета, Максимилијано Араухо со незгоден удар со грбот и тилот ја префрли топката во висок лак преку капитенот на оваа средба, голманот Херонимо Руљи.
По негативата од два гола, Аргентина тргна на сè или ништо. Влегувањето во игра на младиот Џанлука Престиани, на местото на Алмада, донесе свежина во нападот на светскиот првак.
Откако уругвајскиот голман Кристофер Фиермарин одбрани одличен обид на Нико Паз, домаќините конечно го скршија отпорот во 73. минута.
Енцо Фернандез го проигра Престијани на левото крило, кој по одличен продор испрати центаршут по земја, а Хулијан Алварез од непосредна близина ја смести топката во мрежата за намалување на 1-2.