Уругвај едвај извлече реми со Саудиска Арабија

Фудбалските репрезентации на Саудиска Арабија и Уругвај ремизираа 1-1 во натпреварот од првото коло во групата Х на Светското првенство 2026.
По сензационалното реми без голови меѓу Шпанија и Зеленортските Острови, групата Х доби уште едно изненадување. Саудијците беа на чекор до голема победа, но Уругвај успеа да се спаси во завршницата и да освои бод.
Избраниците на Марсело Бјелса одиграа бледо прво полувреме и долго време не можеа да го пронајдат вистинскиот ритам.
Првиот дел не понуди многу возбудувања. Најдобрата можност ја имаше Макси Араухо, но неговиот удар го одбрани расположениот Мохамед Ал Оваис. Голманот на Саудиска Арабија блесна и во 30. минута кога го запре опасниот удар со глава на Винјас.
Како што одминуваше времето, Саудијците стануваа сè похрабри и почесто се закануваа кон голот на Фернандо Муслера.
Искусниот 40-годишен голман прво го спаси својот тим во 38. минута по ударот на Абдулелах Ал Амри, но само три минути подоцна немаше решение. Муслера го одбрани првиот обид на Кано, но Ал Амри најдобро реагираше на одбиената топка и ја испрати во мрежата за водство од 1-0.
Во второто полувреме Уругвај значително го подигна нивото на играта. Винјас двапати се закани со удари со глава, а во 60. минута Угарте ја погоди стативата и најави силен притисок на јужноамериканската селекција.
Наградата за офанзивата пристигна во 80. минута. Ал Оваис повторно одбрани удар на Винјас, но на одбиената топка налета Макси Араухо и ја смести во мрежата за израмнување на 1-1.
Во финишот Уругвај се обиде да стигне и до целосен пресврт. Родригез се закани со силен удар од далечина, а во судиското продолжение и капитенот Федерико Валверде беше блиску до погодок, но Ал Оваис со уште една одлична интервенција го сочува бодот за својата репрезентација.
По првото коло во групата Х владее целосен егал. Шпанија, Зеленортските Острови, Саудиска Арабија и Уругвај имаат по еден бод.
Во следната рунда Уругвај ќе игра против Зеленортските Острови, додека Саудиска Арабија ќе се соочи со Шпанија.