Уругвај ја обвини ФИФА за бирократски пропуст, репрезентацијата заглавена во Мексико пред дебито со Саудиска Арабија

Уругвајската фудбалска репрезентација се соочи со сериозни проблеми само ден пред својот прв натпревар на Светското првенство 2026, откако поради административен пропуст не можеше навреме да отпатува од Мексико кон САД.

Според информациите од уругвајските медиуми, чартер-летот кој требало да ја пренесе селекцијата на Марсело Биелса од Канкун до Мајами не поседувал неопходна дозвола за влез во воздушниот простор на САД. Авионот бил подготвен за полетување, но непосредно пред поаѓањето било утврдено дека недостасува потребната документација.

Уругвајската фудбалска асоцијација (AUF) првично соопшти дека станува збор за проблем надвор од нивна контрола, а подоцна директно ја посочи ФИФА како одговорна за настанатата ситуација.

Според порталот „Тенфилд“, ФИФА не ја завршила навреме процедурата за добивање дозвола за лет согласно американските прописи. Поради тоа, уругвајската делегација останала во својот тренинг-камп во Плаја дел Кармен, додека се барало решение за проблемот.

Од друга страна, ФИФА ги отфрли обвинувањата и соопшти дека станува збор за оперативна грешка на авиокомпанијата која не ги обезбедила потребните дозволи навреме. Светската куќа на фудбалот истакна дека била во постојана комуникација со уругвајската делегација за што побрзо надминување на проблемот.

По неколкучасовно доцнење, ФИФА успеала да ја регулира документацијата, по што летот конечно добил зелено светло за полетување кон Мајами.