У21 селекцијата загуби во Битола од надмоќната Шведска

Македонската репрезентација до 21 година го запиша четвртиот пораз во квалификациите за Европското првенство, откако вечерва во Битола беше совладана од Шведска со 1-4 (1-2).
Младите фудбалери на Македонија одлично го отворија натпреварот на стадионот „Петар Милошевски“ и поведоа со голот на Елези по убавата акција со Хамза, но потоа Швеѓаните целосно го презедоа ритамот на игра. Со два брзи гола на Ричи Оморова во 32. и 33. минута гостите направија пресврт и на полувреме заминаа со предност од 1-2.
На стартот од вториот дел нашите настапија поофанзивно, но тоа не донесе резултат, напротив, Сонково во 60. минута зголеми на 1-3 и ги реши сите дилеми. До крајот, Шведска умешно го контролираше мечот и со голот на Амин Будри во 79. минута го постави конечниот резултат 1-4.
Избраниците на Горан Станиќ остануваат претпоследни во групата Е со три бода, а во следното коло ги очекува дуел со лидерот, селекцијата на Полска.