Фазлагиќ: Македонија може само подобро во иднина
На стадионот „Билјанини извори” во Охрид Македонија до 21 против Србија на 7. септември со почеток во 16. часот ќе го одигра вториот натпревар од септемврискиот квалификациски циклус за пласман на Европското првенство во Романија и Грузија 2023 година.
Фудбалерот на Жилина и член на младата репрезентација, Енис Фазлагиќ даде кратко видување на нашиот настап против Франција и ги сподели своите очекувања за претстојниот дуел со Србија.
„Одигравме под очекувањата, свесни сме за нашите грешки. Франција е премногу силна, тоа го покажа и потврди на вчерашниот натпревар. Располага со многу квалитетни играчи кои играат во едни од најдобрите клубови во Европа, но тоа не е оправдување за нашата лоша игра, едноставно моравме да одиграме на едно повисоко ниво. Премногу ги респектиравме, правевме грешки, им дозволивме да се разиграат и да го покажат целиот свој квалитет. Мечот против Србија ќе биде многу поразличен од дуелот со Франција.Играме на домашен стадион, пред домашна публика во Охрид. Тоа е голем мотив за нас да се покажеме во добро светло и да освоиме бодови. Имаме одлична комуникација со новиот селектор, иако имавме многу малку време да се запознаеме и да се подготвиме за натпреварите. Постепено не запознава со неговите идеи и замисли, верува во квалитетот на оваа селекција. Може да очекуваме само подобра Македонија во иднина. Србија е квалитетен противник, загубија од Украина на домашен терен, но тој резултат не го оспорува нивниот квалитет.“ – вели Фазлагиќ.