Фазлагиќ ја замени Полска со Албанија

Енис Фазлагиќ ја менува средината и од Полска се сели во Албанија, каде што ќе ја продолжи својата кариера како член на Вора.
25-годишниот фудбалер, по истекот на договорот со Висла Краков, се реши за нов предизвик и потпиша со новиот албански прволигаш. Вора лани беше шампион во втората лига, а сега амбициозно влегува во елитата, но трансферот на Фазлагиќ може да се протолкува и како чекор назад во неговата кариера.
Фазлагиќ се промовираше на домашната сцена со настапите за Шкендија, по што во 2020 година беше купен од словачка Жилина за 250.000 евра. Таму се задржа две години, а потоа за 500.000 евра премина во Висла Краков. Сепак, полскиот период не беше особено успешен, македонскиот репрезентативец две пати беше испраќан на позајмица, во Дунајска Стреда и во Горник, а минатата сезона не одигра ниту еден официјален меч за тимот од Краков.
Сега го чека нова страница во кариерата и прво искуство во албанската елита, четврта различна земја во која ќе игра професионален фудбал.