Февруари клучен за иднината на Дибала во Јуве
Јувентус ги продолжува преговорите за обновување на договорот со Пауло Дибала, но се уште нема конечен договор меѓу двете страни. Извршниот директор на клубот Маурицио Аривабене најави дека во февруари ќе има нова средба со фудбалерот и неговите претставници.
„Во февруари ќе разговараме со играчите на кои им истекуваат договорите за да одлучиме за нивната иднина. Секој мора да го освои своето место во тимот и да докаже дека го заслужува тоа“, изјави Аривабене.
„Ова важи за сите – играчи, тренери и менаџери. Во наредните денови ќе видиме дали тоа ќе се случи. Да се обидеме да ги постигнеме целите што ги поставивме“, додаде тој.
Пауло Дибала моментално е слободен да преговара со други тимови. Според италијанскиот весник „Газета дело Спорт“, Јувентус нема намера да му понуди на Аргентинецот повеќе од неговата сегашна плата – 7,3 милиони евра годишно, што ја доведува во прашање неговата иднина во клубот.