Федерер откажа настап на уште еден голем турнир
Великанот на светскиот тенис, 39-годишниот Роџер Федерер го откажа настапот на овогодинешниот турнир од серијата Мастерс 1000 кој ќе се игра во Мајами од 22. март до 4. април.
Според пишувањата на медиумите, менаџерот на Федерер, Тони Годсик изјави дека Федерер го планира својот прв настап сезонава да биде во Доха на турнирот кој започнува наредната недела, а потоа би требало да игра и една недела подоцна во Дубаи, но после тие два турнири му е потребен одмор.
Федерер последниот меч го одигра ушет на 30. јануари минатата година кога во полуфиналето на Австралија Опен беше поразен од Новак Ѓоковиќ. Следеа две операции на десното колено, поради кои го пропушти останатиот дел од сезоната, која беше скратена поради пандемијата на коронавирусот, но големиот тениски ас не заигра ниту на овогодинешниот Австралија Опен.
Федерер четири пати го освојуваше турнирот во Мајами, вклучувајќи го и последното издание на тој турнир пред две години.