Федерер потврди, познато кога се враќа на теренот
Еден од тројцата најдобри тенисери на денешницата, Роџер Федерер потврди дека на терен се враќа на 8. март, кога стартува АТП турнирот во Доха.
Швајцарскиот ветеран е надвор од терените уште од почетокот на минатата година и полуфиналето на Австралија Опен против Новак Ѓоковиќ.
Кратко потоа го оперираше коленото и од време на време даваше изјави кога евентуално би можел повторно да заигра.
Сега веќе нема дилеми дека тоа ќе биде во Катар во првата половина од идниот месец.
„Размислував долго за тоа кога и каде да се вратам на терен. Турнирите во Австралија дојдоа прерано. Жал ми е, бидејќи сакам да играм таму. Сакав да се вратам на помал турнир, како би чувствувал и помал стрес.“ – вели Федерер.
Швајцарецот го најави и неговиот план за тековната година.
„Сакам да славам големи победи. Подготвен сум за тоа да одам на долг, тежок пат. Ќе се потрудам да играм и на земја, после тоа следат Хале, Вимблдон, Олимписките игри и УС Опен.“ – најави Федерер.
Роџер Федерер во август годинава ќе наполни 40 години. Во кариерата освоил 20 гренд слем титули, а на врвот на АТП листата поминал 310 недели.