Фелер најбрз на последниот слалом сезонава

Австриецот Мануел Фелер е победник на слаломот во швајцарскиот Лендерхајд, со кој е завршена сезоната за скијачи во Светскиот куп. Фелер, кој беше шести по првото возење, до победата стигна со резултат 1:47,24. Второто место го освои Французинот Клемон Ноел со 0,08 секунди заостанување, додека трет беше неговиот сонародник и освојувач на Големиот кристален глобус, Алекси Пантуро, кој имаше заостанување од 0,11 секунди. Малиот кристален глобус во оваа дисциплина претходно го обезбеди Австриеот Марко Шварц. Шварц на оваа трка беше најдобар после првото возење, но поради грешка во второто, не можеше повисоко од шестото место. Австриецот во табелата на слалом е прв со 665 бодови, зад него е Ноел со 553, додека Рамон Ценхојзерн е трет со 503. Вкупниот победник и освојувач на Големиот кристален глобус, Пантуро, сезоната ја заврши со 1.260 поени, Марко Обермат собра 1.093, а Шварц 814.