Феникс избори прво финале во НБА по 28 години
Трет пат во историјата, а првпат по 28 години, Феникс Санс ќе играат во НБА финалето и ќе се борат за својата премиерна титула.
Она што во 1976. не им успеа на Пол Вестфал, Алван Адамс и Пет Рајли, а во 1993. на Чарлс Баркли, Кевин Џонсон и Ден Мајерле, оваа година ќе се обидат Крис Пол, Девин Букер, Деандре Ејтон и останатите. Клубот кој 11 години воопшто не играше во плеј-офот ја покори Западната конференција.
Најзаслужен за победата од 130:103 во шестиот натпревар од финалето на Западот беше Крис Пол со 41 поен, кој со 36 години го израмни учинокот на кариерата во плеј-офот. Дури 31 поени постигна во второто полувреме, во кое Санси го добија натпреварот и предноста од девет поени ја претворија во недостижна.
Првиот натпревар од финалето ќе се игра на 6. или 8. јули, во зависност од тоа дали во финалето на Истокот ќе се игра седми натпревар. По четири одиграни, Милвоки и Атланта имаат по две победи, а петтиот натпревар се игра вечерва.