Фергусон: Ми олесна, не смеев да дозволам Роналдо да потпише за Сити
Кристијано Роналдо вчера по втор пат дебитираше за Манчестер јунајтед со два гола против Њукасл откако во последните денови од летниот преоден рок направи трансфер на Олд Трафорд.
КР7 се најавуваше како ново засилување на Манчестер Сити, но во последен момент дојде до пресврт и тој се врати во редовите на „ѓаволите“. Тогаш се шпекулираше дека Сер Алекс Фергусон одиграл клучна улога и го убедил Португалецот да ја одбере црвената боја на Манчестер.
„Многу луѓе си ја одиграа својата улога, да и јас дадов допринос знаејќи дека тој сака да се врати, и тоа беше многу важно. На крајот се добро се заврш. Возбуден сум, ми олесна бидејќи не можев да го замислам во дресот на Манчестер Сити, мислам дека ниту еден фан не можеше да го замисли тоа. Затоа се погриживме тој да се врати тука, разговарав и со семејството Глејзер и успеавме во намерата“.