ФИБА го објасни системот за квалификации за Мундобаскетот
Квалификациите за Мундобаскетот ќе се играат во две фази од по три „прозорци“, во периодот од ноември 2021 до февруари 2023 година.
ФИБА одлучи малку да го промени системот, па во првата, 32 репрезентации во европските квалификации ќе бидат поделени во осум групи од по четири. Првопласираните три од секоја група одат во следната фаза каде се спојуваат со друга и ги пренесуваат бодовите од првата фаза.
Тоа значи дека во втората етапа ќе има четири групи од по шест репрезентации, но нема да се почнува од „нула“. Пласман на Мундобаскетот обезбедуваат првите три репрезентации од новоформираните групи, односно од втората фаза.
Првата етапа ќе се игра во три прозорци: од 20 до 30 ноември 2021, од 21 февруари до 1 март 2022 и од 27 јуни до 5 јули 2022 година. Во втората етапа ќе се игра од 22 септември до 30 август 2022, од 7 до 15 ноември 2022 и од 20 до 28 февруари 2023 година, со по два натпревари во секој прозорец.
Ждрепката за квалификациите за Светското првенство ќе се одржи на 31 август (12.часот), во Куќата на кошарката „Патрик Бауман“ во Мие, а на неа првпат во историјата ќе учествува и македонската репрезентација.