Филипо Инзаги не е повеќе тренер на Бреша

Фудбалскиот клуб Бреша му врачи отказ на тренерот Филипо Инзаги. Тимот се бори за промоција во италијанската Серија А и на 7 кола пред крајот го зазема петтото место во Серија Б. Првите две екипи одат директно во Серија А, а за третото место меѓусебно ќе разигруваат екипите од третата до осмата позиција.

 Клубот преку соопштение му се заблагодари на Инзаги за сработеното и наведе дека за негов наследник ќе го назначи поранешниот играч на Бреша, Еугенио Корини.

48-годишниот поранешен италијански репрезентативец Филипо Инзаги ја презеде Бреша минатото лето, а претходно две сезони го водеше Беневенто, освојувајќи промоција во Серија А, а потоа испадна од елитата.