Филип Кузмановски: Одиме во добра насока

Македонската ракометна репрезентација загуби од Јапонија (31-32) во вториот пријателски натпервар на оваа ЕХФ седмица.
Азискиот ривал покажа брза игра која на моменти беше проблем за нашата селекција.
По мечот во Куманово даде капитенот Филип Кузмановски.
„Во овој момент Јапонија беше најдобар можен противник. Тие играат многу брз ракомет, а моментално во Европа и светот ова е ракометот игра на брз центар и контра веднаш по примен гол. На овие два меча кои ќе ги анализираме не бевме комплетни и имаме што да покажеме. Сепак, ова е насоката во која треба да движи Македонија. Ова е прв чекор кон Европското првенство за тешката група. Имаме доволно материјал за анализра, па иако не сме среќни со поразот покажавме доста добри работи. Ќе се поправиме сигурно, а со попрецизна и пофокусирана игра оваа Македонија на ЕП ќе биде многу подобра“, изјави Кузмановски.
Македонија следниот собир ќе го има во декември кога ќе ги стартува подготовките за Европското првенство. На континенталниот собир избраниците на Кирил Лазаров ќе играат во група во Хернинг со домаќинот Данска, Португалија и Романија.