Финалето на Лигата на шампионите ќе се игра во дневен термин

На денот кога ќе се одржи ждрепката за новата сезона во Лигата на шампионите, УЕФА потврди една голема промена за новата сезона.
Имено, финалето во Лигата на шампионите кое досега секогаш започнуваше од 21:00 часот од оваа сезона ќе се игра три часа порано во 18:00 часот.
„Одлуката е донесена со цел да се подобри севкупното искуство од натпреварот за навивачите, тимовите и градовите-домаќини, преку оптимизација на логистиката и операциите на денот на натпреварот, додека истовремено се обезбедуваат неколку конкретни придобивки. Нашата цел е денот на натпреварот да го направиме навистина пријатно искуство за сите што сакаат да бидат дел од возбудата, создавајќи гостопримлива атмосфера која им овозможува на семејствата и децата полесно да присуствуваат на најголемиот и најважниот клупски фудбалски натпревар во сезоната,“ објаснија од Европската куќа на фудбалот.
Претходно, УЕФА од сезоната 2018/2019 го помести стандардниот термин за натпреварите од 20:45 во 21:00 часот.