Финале на Купот – двете екипи веруваат во победа!
Фудбалерите на Академија Пандев и Силекс со почеток од 19.00 часот ќе ги одмерат силите во финалето од Купот на Македонија. Натпреварот меѓу овие две екипи ќе се одигра на Националната арена „Тодор Проески”.
Тренерот на Академија Пандев, Александар Васовски вели дека неговите фудбалери се максимално фокусирани и подготвени за овој натпревар, очекува добра игра од своите фудбалери и освојување на пехарот.
„Одлично сме подготвени за овој натпревар, се надевам дека и втора година по ред Академија Пандев ќе биде тимот што ќе го освои трофејот. Тоа е наша цел. Шансите се подеднакви за двете екипи. Очекувам да се претставиме во добро светло, се надевам на добра игра и победа.“
Фудбалерот на Академија Пандев, Ѓорѓи Стоилов се надева на победа и освојување на пехарот.
„Играме против противник кој заслужува почит. Ја анализиравме играта на Силекс, подготвени сме за овој предизвик, и се надевам дека повторно ќе се радуваме на победа и освојување на трофеј во купот.“
Тренерот на Силекс, Горан Симов вели дека е време по 24 години пауза, пехарот да се врати во Кратово.
„Се надевам дека по пауза од 24 години, ќе успееме да го освоиме трофејот. Шансите и на двете екипи се подеднакви, во прашање е еден натпревар и се е можно. Добро го анализиравме противникот и подготвени сме за ова финале.“
Капитенот на Силекс, Ангелчо Тимовски се надева дека победникот на овој меч ќе биде решен во регуларниот дел.
„Финалето е посебна инспирација и мислам дека и двата тима имаат еднакви шанси. Лично, посакувам финалната пресметка да се реши пред евентуално изведување пенали”.