ФИФА драстично ги намали цените за четвртфиналните мечеви на клупскиот Мундијал

ФИФА одлучи драстично да ги намали цените на билетите за претстојните четвртфинални натпревари од Светското клупско првенство, кои започнуваат во петок.
Натпреварите од групната фаза на натпреварувањето не уживаа во голема посетеност, ако ги исклучиме некои од натпреварите меѓу големите европски гиганти, како и оние на кои настапи Лионел Меси.
Имаше натпревари со публика помала од половина од капацитетот на стадионот, а тоа дефинитивно ги разочара организаторите.
Во обид да ги наполни стадионите до крајот на натпреварувањето, ФИФА одлучи да издаде евтини билети за преостанатите натпревари.
Проверката на страниците што продаваат билети за натпреварите покажува дека најевтиниот билет моментално се продава за само 11,15 долари. Станува збор за билет за четвртфиналето меѓу екипите на Флуминенсе и Ал Хилал. За друг четвртфинален натпревар, како што е Палмеирас – Челзи, најевтиниот билет чини само 22 долари.