Фламенго го сруши бразилскиот рекорд и го потпиша Пакета

Играчот од средниот ред на Вест Хем, Лукас Пакета, ќе ја продолжи кариерата во својот матичен Фламенго, потврдија денеска двата клуба.
Финансиските детали од договор не се објавени, но британските медиуми јавија дека лондонски Вест Хем ја прифатил понуда од над 41 милиони евра за 28-годишниот бразилски репрезентативец.
Актуелниот бразилски шампион Фламенго го потврди доаѓањето на Пакета.
„Пакета се враќа. Добриот син се враќа дома … Историски потег. Пресвртница на глобалниот фудбалски пазар, на ниво достојно за Фламенго“, објави бразилскиот тим на својот Инстаграм профил.
Пакета му се приклучи на Вест Хем од Лион во 2022 година, откако претходно настапуваше за Милан, а со лондонскиот клуб имаше договор до 2027 година.
Во јули лани, по долга истрага на Англиската фудбалска асоцијација, Пакета беше ослободен од четири обвиненија за местење натпревари.