Флик: Голманот на Мајорка беше одличен

Тренерот на Барселона, Ханзи Флик, изрази задоволство од победата над Мајорка од 1-0 во натпревар од Ла Лига. Каталонците можеа да постигнат и далеку позначаен успех, но тоа не го дозволија одличните интервенции на гостинскиот голман Лео Роман.
„Одигравме силен натпревар и создадовме многу шанси, затоа јас сум среќен. Нивниот голман одлично се снајде. Целиот тим на Мајорка добро се бранеше. Сепак, направивме помалку грешки во однос на претходните натпревари и тоа е позитивно”, изјави Флик.
Флик беше прашан и за „Ел Класико“ против Реал Мадрид во финалето на Купот на кралот. Тимот на Карло Анчелоти ќе има еден ден помалку за опоравување бидејќи вечерва патува за Хетафе.
„Ова може да биде предност, но не е задолжително. Имаше моменти кога бевме во потешка позиција. Реал има одличен тим и еден од најдобрите тренери – Анчелоти, кого многу го почитувам. Ни претстои одличен дуел. Барса и Реал секогаш се борат за трофеи – така беше и така ќе биде. Се надевам дека ќе победиме. Мора да бидеме фокусирани во текот на целиот натпревар“, заклучи тренерот на Барселона.