Фонсека негира проблеми со Леао и Тео Хернандез

Тренерот на Милан, Паоло Фонсека, вели дека нема ништо спорно во односот со фудбалерите Рафаел Леао и Тео Ернандез откако двајцата на вчерашниот меч со Лацио влегоа како резерви и направија невообичаен потег на теренот.
Имено, во моментот кога беше направен судиски тајм аут за освежување на играчите, напаѓачот и дефанзивецот, не дојдоа кај клупата туку останаа на сосема спротивниот дел од теренот.
„Мислам дека нема никаков проблем помеѓу мене и Тео и Леао. Пред натпреварот разговарав со двајцата и тие ја прифатија мојата одлука“, објасни 51-годишниот португалски стручњак кој го презеде Милан во текот на летово.