Формула 1 најави како ќе изгледаат болидите од наредната сезона (видео)
Формула 1 воочи Големата награда на Велика Британија претстави како ќе изгледаат болидите од 2022. година.
Иако екипите ќе променат некои детали, вака генерално ќе изгледаат болидите по целата низа на правила кои се менуваат од наредната сезона. Болидите ќе имаат целосен редизајн на предниот и задниот спојлер, а обликот на болидот ќе биде позаоблен, како би им било полесно на возачите да го контролираат.
Тркалата ќе бидат поголеми, а предниот спојлер делумно и ќе ги покрива. Формула 1 верува дека со овие промени ќе се зголеми компетитивноста и дека ќе биде полесно за претекнување, што би требало да ја зголеми и атрактивноста на спортот.
Несреќата на Роман Гросжан минатата година кога неговиот болид експлодира при удар во оградата влијаеше на дополнителни подобрувања кога сигурноста е во прашање. Новите болиди ќе бидат дизајнирани така што моторот, во случај на распаѓање на болидот, ќе може посигурно да се одвои од остатокот од болидот и да не доаѓа до истекување на гориво.