Француски тенисер казнет на 20 месеци заради местење мечеви

Меѓународната агенција за интегритет на тенисот (ИТИА) објави дека францускиот тенисер Квентин Фолио е суспендиран од спортот на 20 години.
Дополнително, Фолио беше казнет со 70.000 долари и му беше наредено да врати коруптивни плаќања во вкупен износ од над 44.000 долари, откако беше утврдено дека извршил 27 прекршувања на Програмата за борба против корупцијата во тенисот (ТАЦП).
Истрагата на ИТИА откри дека 26-годишниот Фолио бил централна фигура во мрежа на играчи кои дејствувале во име на синдикатот за местење натпревари. Тој е шестиот играч кој е санкциониран како дел од оваа истрага, по случаите на Џејми Флојд-Анџел, Пол Валсеки, Лук Фомба, Лукас Буше и Енцо Римоли.
Фолио, чиј најдобар АТП ранг беше број 488 во август 2022 година, негираше 30 обвиненија поврзани со 11 натпревари помеѓу 2022 и 2024 година, од кои осум тој ги играше.
Обвиненијата вклучуваа местење натпревари, примање пари за да не се вложи максимален напор за обложување, нудење пари на други играчи за местење натпревари, давање внатрешни информации, вклучување во заговорнички акти, одбивање да се соработува со истрагата на ИТИА и уништување докази.
Далечинското сослушување пред независната антикорупциска службеничка Амани Калифа се одржа на 20 и 21 октомври 2025 година. Таа потврди 27 од 30-те обвиненија, кои се однесуваа на 10 од 11-те натпревари.
Во писмена одлука од 1 декември 2025 година, Калифа го опиша Фолио како „вектор на поширока криминална мрежа, која активно регрутираше други играчи и се обидуваше дополнително да ја зацврсти корупцијата на професионалните турнеи“.
Отежнувачки фактори, вклучувајќи го и намерното попречување на истрагата на ИТИА од страна на Фолио, исто така беа земени предвид при одредувањето на казната.
За време на суспензијата, Фолио не смее да игра, да тренира или да присуствува на кој било тениски настан под покровителство на членовите на ИТИА, вклучувајќи ги АТП, БТА, ИТФ, Тенис Австралија, Француската тениска федерација, Вимблдон и УСТА, како и сите национални тениски асоцијации.