Француски тенисер суспендиран на десет години заради местење мечеви
Лени Митјан е француски тенисер кој не е познат на пошироката јавност, но сега се најде во центарот на вниманието поради скандал.
Имено, Митјан доби суспензија од цели 10 години поради местење натпревари во тенисот и ќе мора да плати казна од 20.000 долари.
Оваа одлука е донесена поради неодамна завршениот кривичен случај поврзан со синдикатот за местење натпревари во Белгија. Григор Саргасјан кој бил главен на овој синдикат е осуден на пет години затвор по соработката со ИТИА и белгиските власти.
Во текот на 2018 година Митјан беше рангиран како 458-ми тенисер во светот, а тој ги отфрли обвинувањата за местење натпревари помеѓу 2017-та и 2018-та година. На крајот сепак беше потврдено дека учествувал во местење на мечеви и влијаел на други играчи да не го даваат својот максимум.
Неговата суспензија ќе важи до 21-ви декември 2033 година, а во тој период не може да игра, но ниту да присуствува на било кој настан организиран од АТП или ИТФ.