Фудбалерките со пораз ги завршија квалификациите за Светското првенство

Во последниот настап во овој циклус на квалификации за пласман на Светскиот куп, женската репрезентација на Македонија е поразена од Азербејџан со 3-1.

Натпреварот што се одигра на стадионот Петар Милошевски во Битола беше решен уште во првото полувреме кога беа постигнати сите четири гола.

Гостинките поведоа во осмата минута кога Кристина Бакарандзе ја совлада Викторија Панчурова која вечерва го одигра последниот настап во дресот на македонската репрезентација.

Само три минути подоцна Хава Мустафа беше прецизна за израмнување на резултатот на 1-1.

Во 28. минута, Мана Мољаева го постигна погодокот за водство на Азербејџан од 2-1, а во 37-та Нигар Мирзалиева ги постави конечните 3-1.

Во продолжението од натпреварот избраничките на селекторот Александар Андов ја преземаа инцијативата и во почетната фаза од второто полувреме беа подобар противник, но за жал неколкуте можности не успеаа да ги претворат во гол.

До крајот на натпреварот мрежите мируваа на двете страни, а ниту двете селекции немаа посериозни шанси за гол.

Во вториот натпревар од нашата група Унгарија триумфираше против Андора со 6-1 и ја потврди првата позиција на табелата.

На крајот од квалификациите Унгарките освоија 16 бода и се пласираа во следната фаза додека Азербејџан го освои второто место со 12 бода, но не успеа да се најде меѓу двете најдобро второпласирани репрезентации од Ц конкуренцијата.

Во овој циклус Македонија заврши како третопласирана во групата со шест бода освоени по победите над Андора.

Вечерашниот натпревар беше последен во репрезентацијата за голманката Панчурова која се повлече од настапите во националниот тим, но и натаму ќе го носи дресот на Тиверија Брера.